Skip to content

Марина Трајковска

виолина

Започнува да свири виолина од својата осма година. Основно и средно образование завршува во Битола во класата на Ванчо Стоилков. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на Олег Кондратенко каде што ги завршува и магистерските студии по виолина. Нејзините концертни активности започнуваат уште од основното музичко училиште. Во текот на образованието е добитник на повеќе награди на државно ниво,меѓу кои една прва, една втора и две трети награди. Има учествувано на натпревар во Букурешт, Романија.

Учествувала на бројни семинари по виолина: К. Бронзети, К. Даундам, Л. Прунару, Б. Димчевски итн. Има солистички настап со Македонската филхармонија во рамките на концерти со студентите на ФМУ во 2003 година.

Од 2004 година до денес, Марина Трајковска е дел од првите виолини во Македонската филхармонија, во прво време како хонорарен соработник, а од 2007 година и како вработена.

Како камерен музичар е дел од: Музичката младина на Македонија, Битолски камерен оркестар, „Скопски солисти“, Камерниот оркестар на Македонска филхармонија, камерниот оркестар „Профундис“ и е редовен член во оркестарот за снимање филмска музика F.A.M.E.’S од неговото основање до денес.Во 2019 година е формирано камерно трио со кое досега успешно се реализирани неколку концерти во Скопје и Истанбул, а за 2021 година се планирани нови активности.Како дел од овие состави, има настапувано во Словенија, Португалија, Шведска, Полска, Чешка, Италија, Франција, Шпанија, Бугарија, Србија, Босна, Албанија и др.