Здравко Ангелов

прв кларинет

Музичкото образование го започнува на седумгодишна возраст. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2000 година во класата на проф. Иван Кочаров, а магистрира во 2012 година на истиот факултет во класата на проф. Стојан Димов.

Повеќе од 15 години е вработен како прв кларинетист на Македонската филхармонија, на што му претходат педагошката работа во Државното музичко училиште во Скопје и двегодишното искуство како соработник на Македонската опера и балет.

Во текот на својата досегашна музичка кариера се стекнал со бројни признанија во Македонија и во странство, а во 2000 година ја освојува специјалната награда “Yamaha”.Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа и како камерен музичар, а воедно е постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“.

Учесник е на значајни фестивали во Македонија –„Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест“–Битола, „Штипско лето“, „Денови на македонска музика“, во Србија–„Номус“, „Бемус“, а како член и истакнат солист на Македонската филхармонија со оркестарот настапува во Црна Гора, Словенија, Србија, Бугарија, Хрватска, Шпанија, Оман, САД итн. Неговата исклучителна музикалност и посветеност е препознаена од многу светски имиња кои сведочат за прекрасната атмосфера што тој ја создава музицирајќи. Настапува под палката на истакнати диригенти како што се Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, Густав Кун, Даниел Рајскин, Урош Лајовиц, Јерухам Шаровски, Владимир Ашкенази, Јануш Пшибилски, Антон Нанут, Пол Мејер, Емил Табаков и многу други.

Skip to content