Skip to content

Иван Наумовски

Македонскиот басбаритон м-р Иван Наумовски ги завршува своите дипломски студии по вокално пеење на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, Македонија во класата на проф. м-р Марија Муратовска со највисоки почести cumlaude (2013). Три години подицна магистрира со највисоки почести Auszeichnung во одделот Musiktheater на државниот Универзитет во Грац, во класата на проф. Том Сол и маестро Франк Крамер. 2021-вата година магистрира во областа Lied und Oratorio на државниот Универзитет во Виена (MDW) во класата на проф. Карлхајнц Ханзер, проф. KS Габриеле Фонтана и Проф. KS Ангелика Кирхшлагер, и се здобива со уште една титула Master of Arts во областа на уметничката песна и ораториумот. Како студент е освојувач на три натпревари, во Македонија, Црна Гора и Косово, како и учесник и финалист на многу други. Во текот на неговата кариера бележи многубројни настапи во Македонија со оркестарот на Македонската Опера и Балет (МОБ) и Македонската Филхармонија. Со соло рецитали и концерти тој редовно настапува на македонските фестивали како што се “Охридско лето”, “Скопско лето”, “ДММ”, “Интерфест”, “Mајски оперски вечери” и “Есенски музички свечености”. Како почесен гостин солист настапува неколкупати со маестро Симон Трпчески, како и со австрискиот реномиран сопран Ева Линд, на нејзините концерти, меѓу кои и концертот во Вила Ванфрид, Бајројт (Домот на Рихард Вагнер). Покрај неговите студии тој располага со многу дипломи од мастеркласите кај Криста Лудвих, Бригите Фасбендер, Карлхајнц Ханзер, Габриеле Лехнер, Лидија Хорват Дуњко, Лаура Ејкин и Хелена Лазарска. Во универзитетските продукции во Грац настапува со соло улога во оперите “Don Giovanni” , “Viva la mamma” и “Die Zauberflöte”. Покрај Грац, тој настапува на многу други концерти ширум градовите во Австрија (Вергл, Виена, Грац, Велс, Вајц, Инсбрук, Швајгерс, Ахенкирх и др.). Оперското деби го остварува во операта во Грац со улогата на Викомте Каскада во оперетата “Die Lustige Witwe”, каде соработува со реномираниот режисер Оливие Тамбози. Во продолжение во истата оперска куќа ја толкува главната улога на австриската премиера на современата опера од Елизабет Наске “Der Wuschpunsch”, проектите “Росини за деца”, концертот на оперското студио, и настапува како дел од нивниот ансамбл на натпреварот за режисери “Ring Awards” во улогата на Малатеста. Добитник е на повеќе стипендии, од кои најеминентни се стипендиите “Best of south East” и “AIMS” во Австрија, кои му носат многубројни настапи, меѓу кои и настапот во грацкиот Musikverein, Minoriten Saal и Kasematten арената. Во неговиот оперски репертоар спаѓаат улогите на: Figaro (Mozart), Impresario, Malatesta, Papageno, Dandini, Vicomte Cascada, Eugenе Onegin, Don Fernando, Beelzebub Irwittzer, Masetto и Guglielmo. Кариерата му е збогатена со настапи во Норвешка, Франција, Австрија, Хрватска, Германија, Чешка, Косово, Босна и Херцеговина, како и Македонија. Во 2015-тата година му е врачена престижната македонска награда “Виртуози” доделена од СОКОМ за најдобар млад уметник во Македонија. 2016-та дебитира во МОБ на отворањето на “Мајските оперски вечери” со главната улога во истоимената опера “Евгениј Онегин”. 2017-та ја завршува пред домашната публика со новогодишниот вечерен концерт во Македонската Филхармонија под диригентската палка на маестро Јерухам Шаровски. Тој е редовен солист на австрискиот фестивал “Musikwelten Festspiele”, и со оркестарот “Дунав Филхармонија” остваруваат многубројни концерти преку годината во Австрија, Чешка и Германија. 2020-та во Феринген и Еринген настапува како Don Fernando во концертна изведба на “Fidelio”, и како Бас солист во бетовеновата 9-та Симфонија. Истата година се наоѓа во финалето на натпреварот “Klassik Tiroler Sängerpreis” во Инсбрук, Австрија. Иван е чест изведувач во виенскиот Kursalon, како и во палатите Liechtenstein, Eschenbach, Schönborn и виенскиот Konzerthaus. Во овие палати тој застанува на сцената преку 80 пати годишно. 2021-ва година остварува концертно деби на фестивалот “Охридско лето”, за еден месец потоа да дебитира во Франција со соло рецитал со уметнички песни на фестивалот “Les Muiscales de Quiberon” во Киберон. 2022-рата година оддржува рецитал со уметнички песни во Скопје, ја дели сцената во Виена со еден од најпознатите баритони на сите времиња Лео Нучи. Од Октомври 2022-та година Иван работи како доцент на ФМУ по соло пеење.