Skip to content

Ана Дурловски

Со својот несомнен квалитет, огромен талент, музикалност и нескриена жар за музика, Ана Дурловски (1978) е една од најистакнатите оперски певици кај нас од помладата генерација вокални солисти. Таа е првиот уметник од Македонија која пееше на сцената во престижниот „Метрополитен“ во Њујорк, а зад неа се и мноштво улоги кои ги реализира и на реномираните сцени низ Европа. Родена е во Штип. Магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, по што продолжува на специјализација во Виена во Камерното студио на КМС Оливера Миљаковиќ. На 21 година дебитира на сцената во Македонската опера и балет со улогата на Лучија во операта „Лучија од Ламермур“. Уметничкиот пат ја води во операта во Мајнц, Германија, па до Виенската „Штац“ опера, и до сите оперски куќи во Берлин, Франкфурт, Минхен, во Кралската опера во Мадрид... Ана Дурловски е постојан член на ансамблот на Операта во Штутгард, и е првенец во Македонската опера и балет во Скопје. Покрај концертната активност, таа ги носи улогите на Гилда во „Риголето“, Амина во „Месечарка“, Олимпија во „Хофманови приказни“, Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“, Виолета во „Травијата“, Зербинета во „Аријадна на Наксос“... Добитничка е на значајни награди и признанија, меѓу нив и на наградата „Маријана Радев“ на Република Хрватска за најдобар оперски изведувач, на театарската награда „Фауст“ за најдобар оперски изведувач во 2012 година во Република Германија, прогласена е за доживување на 2012 година од страна на оперското стручно списание „Die Opernwelt“ и е номинирана за најдобар изведувач во 2013 од истото списание, како и на македонските награди „Виртуози“ и државната награда „23 Октомври“. Во престижната њујоршка оперска куќа „Метрополитен“ дебитираше во октомври 2014 година со улогата на Кралицата на ноќта и ги освои срцата и на светската музичка публика. Годинава пееше и во премиерата на операта „Беренике“ од Јомели во Државната опера во Штутгард, во режија на еден од најдобрите режисерски тандеми - Јоси Вилер и Серџо Морабито. Следната сезона Ана Дурловски ќе настапи и на престижниот „Бајрот“ фестивал посветен на творештвото на Вагнер.