Симон Трпчески
Македонскиот пијанист со светско реноме, Симон Трпчески, добива позитивни критики за својата моќна виртуозност и длабоко изразен пристап, како и за неговото харизматично присуство на сцената. Пред дваесет години започна на меѓународната сцена како уметник од новата генерација на „Би-би-си“, и во својата неверојатно брзорастечка кариера, без ограничувања во музиката, има соработувано со над стотина оркестри на четири континенти, меѓу кои: Лондонскиот симфониски оркестар, Оркестарот Филхармонија, Националниот оркестар на Франција, Кралскиот оркестар Концертгебау, Оркестарот Тонхале во Цирих, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Радио-симфонискиот оркестар Берлин и Елбфилхармонијата. Во Северна Америка, тој често настапува како солист со оркестрите во Кливленд и Филаделфија, Лос Анџелес и Њујоршката филхармонија, како и со симфониските оркестри на Чикаго, Сан Франциско, Сент Луис, Сиетл и Балтимор. Во Јужна Америка има изградено прекрасна релација со Оркестарот „Естабле дел Театро Колон“, а настапувал и со симфониите на Сеул, Хонг Конг и со симфониските оркестри на Сиднеј, Мелбурн и Нов Зеланд. Трпчески има работено со голем број на истакнати диригенти, меѓу кои и: Лорин Мазел, Владимир Ашкенази, Марин Алсоп, Густаво Дудамел, Кристијан Мачелару, Џанандреа Носеда, Василиј Петренко, Владимир Јуровски, Антонио Папано, Габриел Бебешелеа, Давид Цинман... Неговата долгорочна соработка со Васили Петренко резултираше со богата дискографија; меѓудругите и заедно со Кралскиот Ливерпулски филхармониски оркестар ги снимија сите пијано концерти на Рахмањинов и пијано концертите на Чајковски и Прокофјев... Во сезоната 2023-24, како резидентен уметник со Кралскиот шкотски национален оркестар, Трпчески го сними својот најнов албум за „Лин Рекордс“, кој ќе ги содржи концертите бр. 2 и бр. 5 на Сен-Санс под диригенство на Томас Сондергард. Во сезоната 2024-25, пак, ќе ја отвори концертната сезона на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, а ќе има нови бројни настапи со симфонискиот оркестар на Монтреал и Оркестра Синфоника де Сао Паоло, Симфонијата на Балтимор, со Џанандреа Носеда и Циришката филхармонија.... Бројна е и неговата рецитална програма во големи сали во градови како Њујорк, Сан Франциско, Вашингтон, Лондон, Париз, Амстердам, Милано, Минхен, Прага, Хамбург, Билбао, Истанбул, Даблин и Токио. Од своето деби во Вигмор Хол во 2001 година, тој редовно настапува во оваа престижна сала, а неговиот природен афинитет кон руските композитори од 19-ти и 20-ти век е претставена во седум албуми со рецитали. Инаку, Трпчески е посветен и на зајакнување на културниот имиџ на неговата родна Македонија. Неговиот проект за камерна музика „Македонисимо“ е посветен на запознавање на светската публика со богатите традиционални македонски фолклорни корени. Со посебна поддршка од „КултурОп“ - македонска организација за култура и уметност - Симон Трпчески редовно работи со млади музичари во својата татковина, негувајќи го талентот на идната генерација на уметници. Во 2009, доби Орден за заслуги на Македонија, награда за странски и домашни заслужни личности за афирмација на Македонија во странство. Во 2011 година стана првиот кој ја понесе титулата „Национален уметник на Македонија“. Роден е во Македонија во 1979 година, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Борис Романов. Беше уметник од новата генерација на „Би-Би-Си“ во периодот 2001-2003 година, а во 2003 година ја доби Наградата за млад уметник од Кралското филхармониско друштво.