Сергеј Малов

Рускиот виолинист Сергеј Малов е еден од славните виртуози денес во светот на класичната музика. Свири виолина, виола, барокна виолина и виолончело да спаља – инструмент за кој се смета дека Јохан Себастијан Бах на него ги свирел своите свити за чело. Широк е репертоарот на маестро Малов. Свири дела од периодот на раниот барок, до класични и романтични виолински концерти, како и светски премиери на современа музика. Исклучително е посветен на техничките капацитети на инструментот, покрај стилот на изведба. За неговите изведби на виолина, добитник е на повеќе награди на натпревари како „Паганини“ во Џенова, „Моцарт“ во Салцбург, „Мајкл Хил“ во Оукленд, додека за настапите со виола, пак, освојувал награди во Минхен и во Токио. Настапувал со оркестри како што се Би-би-си оркестарот во Лондон, Лондонскиот филхармониски оркестар, Оркестарот на Баварското радио, Филхармонија на Оукленд, Филхармонискиот оркестар на Токио, Филхармонијата на Хелсинки, каде што го извел Концертот за виолина од Сибелиус по повод роденденот на финскиот композитор, под диригентството на славниот маестро Клаус Макела... Во 2019 беше солист резидент на Фестивалот на музика во Турку, Финска. На натпреварот „Лаjпциг Бах“, Малов беше награден со барокна виолина, додека „Jumpstart Jr Foundation“ од Амстердам, му обезбеди барокна виолина од познатиот изработувач Џофредо Капа. Како барокен солист настапувал со Академијата за стара музика во Берлин, Венецијанскиот барокен оркестар, Севилскиот барокен оркестар, оркестарот „Музика Вива“ од Москва, „Камерата Салцбург“ и Барокниот оркестар од Хале. Во сезоната 2019/20, Малов направи серија блескави дебија низ светот и како виолинист и како солист на виолончело де спаља. Во 2017-та, Малов беше назначен за професор на Музичката академија во Цирих. Неговите снимки се објавени од престижни издавачки куќи, а неговиот албум „Омаж за Еуген Изај“ (2017) беше оценет со мошне позитивни критики.

Skip to content