Skip to content

Роберт Бонфиљо

Роберт Бонфиљо е познат по епитетот „Паганини на усната хармоника“. „Лос Анџелес Тајмс“ го нарече така и со право овој виртуоз на усна хармоника ја воодушевува публиката ширум светот: Карнеги хол, Холивуд боул, Гевандхаус, Центарот Кенеди, Бостонската симфониска сала, Линколн центарот..., со неговата способност да изведува концерти на хармоника од сферата на класиката, но и да блеска со блуз. За него позитивно пишувале и „Њујорк тајмс“, „Бостон глоуб“, „Вашингтон пост“, „Чикаго трибјун“... Бонфиљо неодамна дебитираше со Питсбуршката симфонија, Националната симфонија во Центарот Кенеди и Оркестарот на Луисвил. Оваа сезона вклучува концерт на Вила-Лобос за хармоника со Симфонискиот оркестар на Галиција под водство на Енрике Диемеке, како и турнеја со „Музика витае“ во Шведска и Симфонискиот оркестар на Рокфорд во САД. Исто така, следува и настап во Линколн центарот со концертот за хармоника на Хенри Ковел и Американскиот симфониски оркестар, под водство на Леон Ботстеин. Бонфиљо зад себе има и изведби на многу премиерни дела, како и дела од автори кои специјално за него пишувале: Родриго, Арнолд Блек, Ричард Ајнхорн, Ерик Најт, сер Џорџ Мартин. Се појавил и како солист заедно со американскиот класичен и џез-пијанист „Скич“ Хендерсон во „Карнеги Хол“, со Џон Вилијамс на „Бостон Попс“, со италијанскиот диригент Фабио Луизи и МДР Оркестарот во Лајпцишкиот „Гевандхаус“ итн. Неговиот прв албум со Камерниот оркестар „Њујорк“ со Концертот на Вила-Лобос, доби извонредни критики, а токму овој концерт го изведувал повеќе од 350 пати со големи оркестри низ светот. Настапува и како камерен музичар со врвни имиња. Во неговата биографија се истакнува и неговата изведба на современа музика од американскиот композитор Пол Моравек, кој ја освои Пулицеровата награда за композиција, со дело посветено токму на Бонфиљо. Инаку, Роберт Бонфиљо има магистратура по композиција од Школата за музика на Менхетен. Студирал хармоника со врвниот Чам-бер Хуанг, а 12 години негов ментор бил Ендрју Лолиа, прв флејтист на „Њујорк сити балет“, време кога Бонфиљо ги изучувал сите големи дела за хармоника и оркестар.