Милена Арсовска

Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломира соло- пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. За време на студиите, Арсовска се усовршува и посетува мастер-часови кај познатите Мариела Девија, Красимира Стојанова, Клаудија Виска и Илко Начев. Добитничка е на бројни награди и признанија, меѓу кои и првата награда на Интернационалниот натпревар за пеење во Битола, втора награда на Натпреварот за оперета "Нико Достал" во Виена , добитник е на стипендија од Хедерстипендиум и ја освои втората награда на ОЕЈАБ - музички натпревар во Виена. Таа беше финалист на престижниот натпревар за пеење Лејла Генцер во Инстанбул и на натпреварот Хајнрих Стрекер во Баден до Виена. Милена Арсовска дебитира во Македонската опера и балет каде што настапува во продукциите на оперите „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“… Виенското деби, пак, во Театарот во Виена доаѓа во 2010 година со настап во оперетата „Лилјакот“, и "Суор Ангелика" а понатаму настапува во театрите во Магдебург, Националниот театар во Вајмар, Националната опера во Прага и Острава како и на повеќе реномирани фестивали. Нејзиниот репертоар ги вклучува и улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“ и Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“, Церлина во „Дон Џовани“, Славејот во истоимената опера од Стравински, Сузана во "Свадбата на Фигаро" и Виолета во "Травијата". Милена Арсовска редовно настапува на концертните сцени во Виена, а концертните турнеи ја водат низ Германија, Италија, Шведска, Шпанија, Франција, Малта, Холандија, Норвешка, Финска, Јапонија, Кина и САД. Соработува со реномирани диригенти меѓу кои Кирил Петренко, Рани Калдерон, Јан Латам-Кениг, Корнелиус Мајстер, Кирил Карабитс, Даниел Раискин, Јерухам Шаровски, Мајкл Балке и Ервин Ортнер. Нејзините снимени изданија, пак, ја вклучуваат живата снимка на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а нејзиниот глас е искористен и во музиката за македонските филмови „Големата вода“ и „Војната заврши“.

Skip to content