Лубнан Баалбаки
„Музиката е импулс, инспирација, молитва. Таа е сигурен начин да се патува во други димензии. Талентот не може да се научи, но, може и треба да се развива. Талентот, сам по себе, никогаш нема да биде доволен за вистински успех, исто како што трудот без талент нема никогаш комплетно да се материјализира”. Лубнан Баалбаки е роден во 1981 година во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот Филхармониски Оркестар. Низ целиот свој живот, Баалбаки бил опкружен од уметници од блиското семејство: сликари и музичари, кои ја создале инспиративната атмосфера што помогнала да се изгради неговиот музички пат. Музичкото патување на Баалбаки започнува кога се запишал на часови по виолина на Националниот конзерваториум за музика на Либан во Бејрут, на 12 годишна возраст. Неколку години подоцна тој го започнал своето академско патување на додипломски студии по музикологија на Универзитетот „Свет Дух“ во Каслик (УСЕК). Во 2009 дипломирал на одделот оркестарско диригирање на Академијата за музика „Георге Дима“ под менторство на маестро Петре Шбарцеа во романскиот град Клуј-Напока, со нагласок на изучување на одделот композиција со Шего Петер. Баалбаки магистрирал во 2011 година на одделот за оркестарско диригирање на Националниот универзитет за музика во Букурешт под менторство на д-р Хориа Андреску. Во 2017 ги започнал докторските студии каде тема на неговото истражување била „Психолошката врска помеѓу диригентот и оркестарот“ под менторство на д-р Дан Диу. Помеѓу 2018 и 2019 година Лубнан Баалбаки се здобива со уште една диплома по оркестарско диригирање на Универзитетот за музика и уметности во Виена (Австрија) со професор Јоханес Вилднер како негов ментор. Од 2009 до 2011 бил дел и од одделот за културен менаџмент на Националниот универзитет за музика во Букурешт со проф.д-р Луциа Континеску. Во 2012 година учествувал на мастер -клас по културен менаџмент со поранешниот генерален секретар на „Виенската Опера“, Јоан Холендер. Паралелно со своите студии, учествувал и на повеќе мастер класови по оркестарско диригирање со познати европски диригенти како Курт Мазур, Колин Метерс, Конрад вон Абел и Кристијан Бадеа. Во 2013 е назначен за редовен диригент на Либанскиот филхармониски оркестар и го основал Националниот младински оркестар. Диригирал со оркестри како Катарскиот филхармониски оркестар, Националниот радио оркестар на Букурешт, Филхармонискиот оркестар на Мексико Сити, Државниот симфониски оркестар на Истанбул, „The 5 the Mayo“ од Мексико, Филхармонискиот оркестар „Queretaro“ од Мексико, Државниот филхармониски оркестар од Трансилванија, Државниот филхармониски оркестар во Сибиу-Романија и „Тимисоара“, Националната опера во Романија. Иако диригирањето е неговиот примарен фокус, маестро Баалбаки грижливо ги организира повеќето од неговите изведби и има блиска комуникација со луѓето инволвирани во неговите проекти, на сцената и надвор од неа. Откако ја започнал својата музичка кариера, Балбаки работи како музички советник и шеф диригент со Маџида ел Руми и Марсел Калифе. Како поборник за музичка писменост и социјален развој, тој се фокусира кон репертоар кој е разнолик и преку кој може да допре до поширок аудиторум, а во исто време да го задржи музичкиот интегритет и да ја промовира убавината на класичната музика преку популарни и препознатливи композиции. Во 2016 година Баалбаки е награден од страна на Либанското министерство за култура за неговиот исклучителен придонес кон уметничката и културната сцена во Либан. Во последните неколку години Баалбаки активно се појавува во медиумите со цел да ја подигне свесноста за важноста на класичната музика во Либан. Покрај своите појавувања во медиумите, тој држи предавања и учествува на конференции чиј фокус се теми од областа на културата и музиката.