Кристијан Васкез
Кристијан Васкез е еден од најпрофилираните музички таленти од Венецуела, кој гради успешна интернационална кариера. Познат по својата харизма на сцената и по моќните изведби и музичкиот интегритет, Васкез продолжува да го привлекува вниманието на светската јавност како еден од највпечатливите диригенти на денешнината. Во сезоната 2013-2014 година Васкез станува шеф-диригент на Филхармонискиот оркестар во Ставангер (Норвешка), со кој потпишува четиригодишен договор, кој му е продолжен уште две години – до 2019 година. Со него оркестарот беше на неколку исклучителни турнеи во Скандинавија, Русија, Германија и Холандија. Васкез е музички директор и на младинскиот оркестар „Тереса Карено“ од Венецуела, со кој реализирал гостувања и настапи во Лондон, Берлин, Лисабон, Хамбург, Милано, Виена, Амстердам, Салцбург. Неговото прво појавување во Европа беше настапот со Симфонискиот оркестар во Гавле, Шведска, каде што беше назначен за гостин шеф-диригент од 2010 до 2013 година. Како диригент настапувал со Виенскиот радио-симфониски оркестар, Филхармонијата на Ротердам, Камерата Салцбург, Рускиот државен симфониски оркестар, Токиската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Сингапур и други. Во 2010 година дебитира со Израелската филхармонија, на покана од Зубин Мехта. Во изминативе години активно настапува со водечките симфониски оркестри во светот, а му беше асистент диригент и на Густаво Дудамел во поставувањето на новата продукција на Моцартовата опера „Свадбата на Фигаро“ во Париската опера, како и во поставувањето на Вагнеровата „Тристан и Изолда“, на истата оперска сцена. Васкез соработувал со врвни музичари како диригентот Сајмон Ратл, виолинистот Франк Петер Цимерман, трубачот Пачо Флорес, меѓу останатите – и со нашиот најдобар пијанист Симон Трпчески.