ИВАНА МАЗНЕЈКОВА

Ивана Мазнејкова е родена во Струмица, во 2006 година. Од учебната 2020/21 година својата музичка наобразба ја продолжува во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, во класата на проф. М-р. Славчо Величков. Првите часови по пијано ги добива од своите родители, Ленче Мазнејкова и Зоран Мазнејков, професори по пијано во ООМУ „Боро Џони“- Струмица, и во чии класи ќе го заокружи своето целосно основно музичко образование. Активен учесник е на мастеркласови под раководство на проф. Наталија Трул (Московски конзерваториум, Русија), проф. Андреас Фрулих (проф. на Академија за музика Келн, Германија, во Бреша, Италија и предавач на летната школа Моцартеум во Салцбург, Австрија), проф. Хајди Елзесер (предавач на музичката академија во Детмолд, Германија) проф. Адилија Алиева (Франција/ Азербејџан, проф. во Женева, Швајцарија и Анеси,Франција), проф. Рубен Далибалтајан (Загреб, Хрватска/ Ерменија/ Лихтенштајн) и проф. Елена Дикова (Софија, Бугарија). Ивана, својот прв јавен настап го има на тригодишна возраст на концерт во музичкото училиште. Оттогаш до сега, има реализирано настапи на бројни концерти, фестивали и натпревари во Македонија и низ Европа. Има остварено шест пијано рецитали (солистички концерти) и три полурецитали. Во нејзиниот репертоар се застапени дела од сите музички епохи и жанрови. Има реализирано 157 јавни настапи. Досега има настапувано во 17 земји во Европа (Италија, Франција, Велика Британија, Словенија, Германија, Австрија, Србија, Летонија, Чешка Република, Шпанија, Грузија, Белгија, Унгарија, Хрватска, Полска, Бугарија и Косово), во престижни сали како: Бозар во Брисел, Моцартеум во Салцбург, Каза Верди во Милано, Гилд во Рига, Камерна сала на Париската Филхармонија... Ивана Мазнејкова е редовен учесник на европските натпревари за млади пијанисти. Има освоено 42 први и специјални први награди на натпревари во Париз, Минхен, Лондон, Виена, Салцбург, Белград, Милано, Бари, Рига, Брисел, Тревизо, Брно, Гориција, Будимпешта и др. Во 2016 и 2018 година освојува први награди на националниот натпревар по пијано, а во 2019 и 2021 година е победник на националниот натпревар по софеж. Помеѓу 2018 и 2021 год има освоено 3 Апсолутни први и први награди по камерна музика. Добитник е на 4 Апсолутни први и први награди од меѓународни натпревари по теорија на музиката, хармонија и солфеж. Освојувач е на повеќе пехари и златни медали, два кристални медали за исклучителен талент на натпреварите во Виена и Милано, а добитник е на златна плакета, Gilead Mishory Prize, наградата Phillipo Trevisan, називот „Лауреат“ во Белград... Во 2021 и 2022 година добитник е на називот „Лауреат“ на меѓународниот натпревар за музика во Штип. Добитник е на престижната награда „Најдобар ученик“ за 2013 година која ја доделува општинското основно музичко училиште „Боро Џони“ – Струмица, а во 2020 година добива Плакета и Признание за покажан редок талент и исклучителен успех. Ивана Мазнејкова има настапувано на манифестацијата „Виртуози“; на националниот фестивал „Денови на македонска музика“; на манифестацијата „Струмица – град на културата“; на фестивалот „Штипско културно лето“; на настанот „Piano day – Skopje“; на фестивалот „Piano City – Novi Sad“ во Србија, фестивалот „Piano Loop“ во Сплит, Хрватска, проект „Слободна среда“ на Музичка Младина на Македонија и др., а секоја година, од 2010-2019 година учествува на ревијалните концерти во Скопје, организирани од националниот огранок на Европската асоцијација на наставници по пијано (ЕПТА). Во Македонија има настапувано во Скопје, Битола, Гевгелија, Штип, Прилеп, Охрид, Велес, Валандово, Кавадарци, Неготино и Струмица.

Skip to content