Гонца Богоромова Краповски
Гонца Богоромова Краповски дипломира cum laude на ФМУ во Скопје, во класата на проф. Билјана Јакимовска. По дипломирањето својот уметнички израз го надградува со Вјара Шуперлиева, Карло Коломбара и Дарина Такова. Добитничка е на втора награда на меѓународниот натпревар „Елена Николаи“ во Бугарија. Своето професионално деби го остварува во 2006 година како солист со Македонската филхармонија на фестивалот „Интерфест” во Битола. Оттогаш редовно концертира како солист и камерен музичар во земјата и странство, соработувајќи со еминентни музички ансамбли и уметници, меѓу кои оркестарот на Државната опера во Пловдив, Бугарија, Македонската филхармонија, Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, Минхенскиот камерен оркестар, пијанистите Вјара Шуперлиева, Милица Шкариќ, Андреј Наунов, Татјана Огњановска, Милен Станев. Забележливи се нејзините премиерни изведби на композиции од македонски автори, меѓу нив: „Песни за љубовта и смртта“ од Панде Шахов, циклусот песни „Надеж“ од Дамјан Темков, „Смртта е син прозорец отворен кон денот“ од Бојана Петровиќ - Алексова која е посветена токму на неа. На оперската сцена дебитира со улогата на Магда во операта „La Rondine“ на Пучини, во рамките на Летната академија на уметностите во Созопол, Бугарија, а на македонската оперска сцена дебитира во улогата на Памина во „Волшебната флејта“. Своето меѓународно деби го остварува во 2013 година, на концертна турнеја во Кина со „Wien Klang Sinfonietta“ од Виена. Богоромова е наставник по соло пеење и вокална техника во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Дел од музичките критики за неа велат: „..одвнатре зрачи со силна харизматичност и емотивен набој, во нејзиниот вокал се очитува длабока и искрена посветеност...“ „Интонативно прецизно, со исклучителна вокална техника која и' овозможуваше да ги оживее сите емотивни рефлексии на Моцартовата арија, Богоромова покажа дека во моментов е концертен вокален уметник кој што, со соодветен одбир на репертоарот, треба далеку да ги надмине границите на Македонија.“ „Богоромова не' пленеше со неверојатната контрола над својот вокален апарат, со издржаните фрази и лежерноста во звукоизвлекувањата... “