Асја Фатеjeва

„Се надевам дека класичниот саксофон ќе успее да го добие заслуженото место на светската музичка сцена“, вели Асја Фатејева. Најголем дел од луѓето кога ќе го слушнат зборот „саксофон“ речиси секогаш го поврзуваат со џез-музиката. Фатејева со своето присуство на светската музичка сцена сака да го измени овој контекст и да докаже дека саксофонот е инструмент кој е присутен и во класичната музика. Во 2014 година, таа е првата жена која успева да влезе во финалето за престижната награда „Адолф Сакс“ на интернационалниот натпревар во Белгија, на кој го добива третото место. Родена е во Керч, на Крим, во 1990 година. На шест години почнала да учи пијано. „Мојата наставничка по пијано Валентина Никшина ми ја поттикна љубовта кон уметноста и ми ја влеа длабочината и интензитетот на руската музичка школа“, вели Фатејева. Саксофонот го открива на 10 години. „Веднаш се вљубив во него, уште кога го слушнав првиот тон“, се сеќава таа. Почнува да го изучува инструментот кај проф. Маргарита Шапошникова на познатиот институт „Гнесин“ во Москва, и магистерски студии завршува во Франција. Во 2004 година се сели со семејството во Германија, каде што го дозавршува своето школување во Келн. Фатејева настапува како солистка со речиси сите познати светски оркестри, а од 2014 година предава саксофон во Мунстер, Германија. Музичката критика не штеди зборови за оваа исклучителна солистка. „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека Фатејева е вистинска сензација во музичкиот свет и дека нејзиното свирење е „толку елегантно и лесно“. Во моментов живее во Хамбург, каде свири саксофон во познатиот „Алиеџ квинтет“, со кој изведуваат ремек-дела од класичната ера, аранжирани за пијано и четири саксофони. Тоа ѝ помага да го прошири својот репертоар, бидејќи нема многу класични дела за саксофон, со оглед на фактот дека Адолф Сакс го создаде инструментот во 1840 година. Поради тоа, Фатејева која свири и сопран- и алт-саксофон транскрибира дела од барокот и од класичната музичка ера за својот инструмент. „Потребни се повеќе нарачки на дела за соло саксофон и оркестар“, вели Фатејева. Токму тоа е нејзината мисија – да му го обезбеди заслуженото место на класичниот саксофон во музичките институции, но и во срцата на многубројните музички фанови.

Skip to content