Македонската филхармонија, на 30 март (четврток) во Домот на АРМ во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт под наслов „Моцартовата хорна“, на кој како солист ќе настапи првиот хорнист од престижната Берлинска филхармонија, Штефан Дор од Германија. Еден од најбараните хорнисти во Европа и во светот, за македонската публика ќе настапи со два Концерти за хорна и оркестар бр. 1 и бр. 4 од музичкиот гениј Моцарт.
Диригент на концертот е нашиот маестро Борјан Цанев, а оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и комплексните, но мошне интересни дела – симфониската поема „Остров на мртвите“ од Сергеј Рахмањинов, како и фрагменти од балетот „Спартак“ од Арам Хачатуријан.
Опусот на уметничкиот гениј Волвганг Амадеус Моцарт е навистина импресивен не само во однос на квантитетот, туку речиси сите негови дела, во зависност од формата, се вбројуваат меѓу најдобрите во историјата на музиката. Такви се и неговите Концерти за хорна во кои композиторот го искажува совршенството на формата и леснотијата во водењето на навидум едноставните мелодии.
„Остров на мртвите“, пак, на еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахмањинов е инспирирана од истоимената слика на швајцарскиот уметник Арнолд Беклин, најславното уметничко дело од времето на симболизмот, која Рахмањинов ја видел во Париз. Делото го завршил во 1908 година додека престојувал во Дрезден. И таа е класичен пример како треба да „звучи“ рускиот доцен романтизам. Балетот „Спартак“ на руско-ерменскиот композитор Арам Хачатуријан е инспириран од животот на римскиот бог Спартак и востанието на робовите, но композиторот тежнеел да се ослободи од историскиот контекст. Хачатуријан за ова дело ја добил престижната награда „Ленин“ истата година кога го напишал.