БОНТОН ЗА ДЕЦА

БОНТОН ЗА ДЕЦА

БОНТОН ЗА ДЕЦА

ЛУДВИ И ВУЛФИ ВО МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА



Лудви и Вулфи беа другари од иста зграда. И соседи. Имаа 9 и 10 години. Лудви беше вљубен во музиката, и тоа не во секоја музика, туку во класичната музика. Тоа е онаа музика, знаете, што се свири на класични инструменти – најубавата музика на светот! Како на пример на пијано, виолина, виола, виолончело, контрабас, труба, кларинет, харфа, фагот, обоа, тимпани, ксилофон…
А Вулфи? Вулфи исто така сакаше музика, но никогаш не се беше сретнал со такви инструменти, никогаш не слушнал класична музика, освен на некои реклами на ТВ или на Јутјуб, ниту пак бил на некој концерт каде што се изведувала токму таква музика.
Лудви дури и неколкупати бил на концерти на Македонската филхармонија заедно со неговите родители, но и на симфониски концерти за деца, и таму исто така имал можност да се запознае со многу дела на големи и славни композитори од минатите векови како Бах, Моцарт, Бетовен, Чајковски, Сен-Санс, Штраус, Прокофјев, Брамс… Ја засакал таа музика толку многу што постојано им велел на родителите да го носат во Македонската филхармонија, но и да го запишат во музичко училиште, да учи да свири на виолина. Виолината му се допаднала најмногу, затоа што нејзиниот звук го потсетувал на некоја балерина што танцува, ама и на ветер во пролет, на птици што пеат, на река што жубори, на деца што се смеат…

Едно саботно претпладне, додека Лудви и Вулфи возеле скејтборд на плочникот пред нивната зграда, Лудви го прашал Вулфи:
„Еј, Вулфи, сакаш да дојдеш со мене на концерт?“
„Да, знам, има концерт на некој македонски рапер на Школка во Градскиот парк. Сакам секако, баш и јас мислев да ти кажам“, му одговорил Вулфи.
„А, не, јас те прашувам за концерт на Македонската филхармонија. Има денеска Симфониски концерт за деца, во 12 часот. Дојди да видиш колку е убаво и онака никогаш не си бил. Ќе научиш многу, а во истовреме и ќе уживаш и ќе дознаеш мноогу нови работи. Друг пат ќе одиме на концерт на рап-музика.“
Вулфи не знаел што сака, дали сака да оди на таков концерт на каков што никогаш не бил, но знаел дека сака да другарува со Лудви и заедно да го поминат целиот ден, па се согласил.
„Супер! Ќе одиме заедно со моите родители, но јас и ти ќе седиме еден до друг за да ти кажам неколку важни работи кои треба да ги научиш ако и понатаму одиш на концерти на Македонската или на некоја друга Филхармонија, во други краишта од светот“, му кажал Лудви.
„Ооооо баш би сакал да одам во Африка на Филхармонија или во Манчестер, а понекогаш сонувам да одам во Индија. Еј, Лудви, а има класична музика за возење скејт?“
„Лелее Вулфи, од каде сега ти текна Африка, па си имаме ние и овде наша Филхармонија, и овде можеме да слушаме сѐ! А, јас не знам дали таму има симфониски оркестри кои свират класична музика, мислам дека има насекаде. Можеби заедно ќе одиме некогаш. И мислам дека може да се вози скејт и да се слуша класична музика во истовреме. Можеби и ако почнеш да учиш да свириш на некој инструмент и ти еден ден кога ќе пораснеш ќе можеш да свириш во таков оркестар. Но, ајде да одиме најпрвин да слушнеш колку е убава музиката, па ќе зборуваме подоцна.“
Лудви и Вулфи пристигнале во Македонската филхармонија точно во 11:40 часот. Нивните родители веќе ги купиле билетите од билетарницата што се наоѓа во зградата на Филхармонијата, и тие биле означени со броевите 13 и 14, во редот под број 10. Се сместиле удобно на своите седишта и додека чекале да почне концертот, а и додека да влезат во салата сите дечиња, Лудви сакал сѐ да му раскаже на својот другар, како треба да се однесува на концерт.

НЕ ДОЦНИМЕ НА КОНЦЕРТ!

(СЕ ПРЕПОРАЧУВА ДА ДОЈДЕМЕ 10 ИЛИ 15 МИНУТИ ПОРАНО)

Но, пред да почне што било да му кажува, Вулфи нестрпливо го прашал: „Лудви, зошто дојдовме толку рано? Што ќе правиме додека да почне концертот? Ако ни стане здодевно?“
„Вулфи, овде мора да дојдеме малку порано за да имаме време да влеземе во салата и да ги најдеме нашите места. Понекогаш има многу метеж. Ако задоцниме, на пример, или ако дојдеме откако ќе почне концертот, воопшто нема да можеме да влеземе.“
„Ауу, нема да можеме да влеземе? Јас ќе си влезам кога си сакам!“
„Не, Вулфи, нема да можеш, знаеш зошто? Затоа што кога ќе почне концертот во салата треба да биде тишина, да не се слушне тропање на вратата и слично. Музичарите мора да бидат сосредоточени на музиката што ја свират. Ако слушаат некој дека влегува додека свират, или некој како се качува по скалите и тропа со своите чевли, или некој како зборува, тогаш можат дури и да ги згрешат нотите. А, исто така, не смееме да им пречиме и на останатите луѓе кои се во публиката.“
„Како ќе им пречиме?“
„Па, така, тие дошле на концерт да слушаат музика, а не да го гледаат Вулфи како се шета помеѓу седиштата!“
„Добро Лудви. Те разбрав. Ама, на пример, ако задоцнам заради друго нешто, на пример, ако пред концерт се дупне гумата на автомобилот на татко ми, нема да можам да одам ич?“
„Ќе можеш, ама знаеш кога? Кога ќе заврши првата или втората композиција. Додека публиката аплаудира, тогаш луѓето коишто се задолжени да го чуваат редот во Македонската филхармонија, ќе отворат една од вратите во салата и ќе те пуштат да влезеш. Ама и тогаш ќе мора тивко да се сместиш на своето место, бидејќи веднаш по аплаузот ќе почне следната композиција.“

АПЛАУЗ – СЕ АПЛАУДИРА ПРЕД ПОЧЕТОКОТ И ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА КОНЦЕРТОТ

„Вулфи, да те прашам нешто. Ти знаеш да аплаудираш?“
„Еее, какво прашање, па знам, се разбира!“
„Е па, ај кажи овде во Филхармонија како се аплаудира?“
„Ќе си плескам со рацете кога сакам, ете така!“
„Не, Вулфи! Кога се слуша класична музика, се аплаудира кога ќе излезе на сцената диригентот. Тоа е човекот којшто го води целиот концерт и којшто се грижи за сите музичари на сцената. А, ако има некој солист, се аплаудира и кога ќе излезе солистот на сцената. Знаеш што е солист?“
„Тој што јаде многу сол?“
„Не, тоа е мнооогу талентиран музичар што свири многу убаво и виртуозно, а другите музичари, односно оркестарот, му се придружба.“
„Ох, колку би сакал и јас да сум солист и да ми аплаудира цеееела сала!“
„И да знаеш дека не смееш да аплаудираш додека се свири музиката. Мора да бидеш тивок и да слушаш внимателно. Кога ќе заврши концертот, сосема на крајот, тогаш можеш. А, ако ти се допаднал концертот ептен многу, најмногу, тогаш можеш дури и да викнеш: БРАВО!“
„Ох, мене ова сѐ повеќе и повеќе ми се допаѓа. Мислам дека ќе почнам да одам на концерти на Македонската филхармонија сѐ почесто.“
„Чекај, има уште неколку правила“.

АКО СМЕ НАСТИНАТИ, АКО КАШЛАМЕ, НЕ ДОАЃАМЕ НА КОНЦЕРТ!

„Вулфи, ти си бил некогаш настинат?“
„Да, па кој не бил болен? Можеби само Супермен.“
„Е па, кога си болен или настинат, се случува и многу да кашлаш, така?“
„Да, јас еднаш толку многу кашлав што сестра ми почна да си ги затвора ушите, не можеше да ме слуша, многу се нервираше.“
„Е па, исто така ќе се нервираат и музичарите, а и публиката, ако некој сред концерт почне да кашла. Или, ако некој кашла постојано. Затоа, кога сме настинати, можеби не е добро да одиме, за да не им пречиме и на другите луѓе околу нас кои сакаат да слушаат убава музика.“
„Јас ако кашлам и ако толку многу сакам да одам, ќе пијам сируп за да оздравам побргу.“

НЕ ЗБОРУВАМЕ ЗА ВРЕМЕ НА КОНЦЕРТОТ

„Вулфи, шшшшшш, молчи сега, почнува концертот! Ајде да слушаме!“
„Зошто да молчам, па што ако почнува? Ајде раскажувај ми уште за правилата!“
„Па, ова е едно од правилата. Не треба да зборуваме за време на концерт. Исто како што не треба да доцниме и да аплаудираме. Замисли ти да свириш или да слушаш музика којашто е тивка, и некој постојано да ти зборува? Тогаш нема да можеш да уживаш. Ајде сега да молчиме и да уживаме во концертот.“
„Мислам дека можам да молчам и да слушам. Еве баш сега ќе се обидам уста да не отворам.“
„Можеш ако сакаш дури и да ги затвориш очите и само да слушаш, без да гледаш. Многу е интересно.“
„Лудви, јас решив. Од сега сакам да одам на симфониски концерти. Па, јас не знаев дека овде било толку многу убаво. Не ми пречи ниту едно правило, напротив, ми се допаѓа. Ајде да слушаме, молчи шшшш…“

Лудви и Вулфи навистина уживаа во звуците на Лудвиг ван Бетовен и на Волфганг Амадеус Моцарт. И решија оттогаш на секој концерт да одат заедно. За ова им се пофалија на сите. Дури и на наставничката и на децата од нивното училиште. На следниот концерт отиде целото нивно одделение, заедно со наставничките. Сите дечиња сакаа потоа да свират, а некои и си ги потпевнуваа мелодиите што ги запаметиле.