КОНТЕМПЛАЦИЈА СО ПЕРТ И ШНИТКЕ

КОНТЕМПЛАЦИЈА СО ПЕРТ И ШНИТКЕ

Диригент:
Солисти:
Диригент: ЕМИЛ ТАБАКОВ
Солист: АННА КОНДРАТЕНКО – ВИОЛИНА
Солист: ЕВА БОГОЕВСКА – ВИОЛИНА

Програма:

А. Шнитке: Кончерто гросо бр.1

А. Перт: Трисагион
Г. Канчели: Мала Данелиада

А. Шнитке: Кончерто гросо бр. 1

Советско-германски композитор кој создава сериозна, мрачна музика, која се карактеризира со нагли спротивставувања на радикално различни, честопати контрадикторни стилови. Тоа е големиот Алфред Шнитке, основач на т.н. музички полистилизам. Роден во германско еврејско семејство, музичкото образование Шнитке го започнува во Виена, каде што еден период живее со своето семејство. Како што и самиот во една прилика нагласува, Виена „му овозможува духовно искуство и дисциплина кои ќе му помогнат во неговото понатамошно професионално патување“. Во 1948 година, неговото семејство се сели во Москва, каде што Шнитке се запишува на Московскиот конзерваториум на кој ги завршува своите студии на одделот за композиција. Во првите посериозни композиции на Алфред Шнитке, многу силно се чувствува влијанието на музиката на рускиот композитор Дмитри Шостакович. Ова се менува во моментот кога Шнитке доаѓа во контакт со италијанскиот композитор Луиџи Ноно, поточно со т.н. сериска музика. По некое време, откако ќе ги исцрпи можностите на оваа техника, Шнитке почнува да создава сопствена техника, која се одликува со користење повеќе различни, честопати контрадикторни стилови во едно дело. Советската јавност не била воодушевена од „експерименталната“ музика на овој композитор. Неговото „Кончерто гросо“ бр. 1 е напишано во 1976 година и, заедно со Симфонија бр. 1, претставува едно од првите дела во кои Шнитке ја употребува својата полистилистичка техника. Тоа е воедно и најпознатото негово полистилистичко дело, со кое го прави својот пробив надвор од Русија. Пишувано е по нарачка на виолинистите Гидон Кремер и Татјана Гринденко. Во него солистите-виолинисти се во постојан дијалог со оркестарот. Првпат е изведено во 1977 година, а по оваа изведба Шнитке решава да направи уште неколку измени во него. Бидејќи во овој период не му било на Шнитке дозволено да патува надвор од својата земја, од страна на советските власти, Кремер одлучува да го постави како еден од изведувачите во Литванскиот камерен оркестар, со цел да може да присуствува на изведбите на ова дело во Германија и во Австрија.

 

А. Перт: Трисагион

Опусот на современиот естонски композитор Арво Перт изразува љубов и пренесува духовна моќ, две есенцијални состојки на добрата музика. „Музиката е мојот пријател. Пријател кој има разбирање, емпатија, простува, теши. Парче ткаенина кое ги брише солзите. Извор на солзи радосници. Но, во исто време и болна како трн во телото и душата“, вели Перт, композиторот кој е роден на 11 септември 1935 година во Паиде. Автор е на многу дела – „Пасио“, „Стабат матер“, „Те деум“, „Мисерере“, „Канон покајанен“… Колку е плоден како композитор покажува и фактот дека во последните десетина година реаранжираше и создаде околу 25 нови дела. Неговата музика произлегува од единствениот животен стил и став кои се темелат на христијанските вредности и вечната потрага по вистината, убавината и чистотата. Арво Перт го освои светот со својот „духовен минимализам“ – спој на едноставниот и чист звук и т.н. тинтинабули тоналност. Неговата музика поседува сентименталност и звучно сугерира на трошка архаичност во хаотичниот модерен свет. Неговите дела создадени во последните неколку децении рефлектираат индивидуалност и препознатливост, онаква каква што ретко се среќава во музиката на 20 и 21 век. Музиката на овој исклучителен композитор, како што и самиот вели, претставува експресија на „љубов во секоја нота“. Таа комуницира на сосема друго ниво – спиритуално, молитвено. Таа почива на минимализмот, но не на типични повторувачки матрици како кај Стив Рајх. Нејзиниот минимализам се однесува на економичниот пристап и третман на чистотата на звукот. Трисагион за гудачки оркестар е напишан за конгрегацијата на Православната црква „Пророк Елијах (Илија)“ во Иломантси, Финска, по повод нејзината 500-годишнина. Премиерно делото е изведено во оваа црква, во јули 1992 година, од „Ансамбл 21“ од Москва. Делото е инспирирано од молитва од православна литургија. Напишано е во типичен тинтинабула стил – има структурно деликатен контрапункт и е богато со религиски симболизам. Делото почива на фразеологија, бидејќи музиката е извлечена од религиски текст, иако е создадено само за гудачки оркестар. Стилот тинтинабули во ова дело Перт го иницира преку комбинација на два типа гласови – едниот е нежен, дијатонски, а другиот се движи меѓу тоновите. Резултатот е совршена хармонска атмосфера во која тонскиот центар е секогаш присутен, но во тесна корелација со повремени нетонални созвучија.

 

Г. Канчели: „Малата Дaнелиада“

Гија Канчели е еден од водечките грузиски композитори кој во својата музика ги комбинира мирот, убавината и спокојот со латентно насилство кое одвреме-навреме еруптира со својот драматично експресивен ефект. Западната публика се запознава со неговата музика, главно, преку неговите албуми издадени за познатата етикета на „И-си-ем“ со која Канчели ја започнува соработката во 1992 година. Неговата музика ја изведувале челистот Мстислав Ростропович, виолнистот Гидон Кремер, виолистот Јури Башмет, „Кронос квартет“…

Неговиот интерес како композитор е насочен и кон сценската и филмската музика, напишал музика за повеќе од четириесет филмови… Покажувал интерес и кон џез-музиката, поради што бил критикуван од советската власт која сметала дека џезот е дегенерирана и опасна форма на западната уметност. На почетокот пишувал помасивни и поголеми оркестарки дела, а во подоцнежниот период од својот живот се фокусира на поедноставни и камерни музички форми. „Кога имаш 60 години, помалку те интересираат џиновските форми на звучност кои ти се омилени на 40, покажуваш интерес кон поинаков концепт на звукот. Кога пишувам музика, не се фокусирам на секојдневните колизии во животот. Сакам да гледам на музиката од поинаква перспектива, како птица во лет, од друг агол“, вели Канчели.

„Малата Данелиада“ е инспирирана од љубовта кон двајца пријатели на Канчели – драмскиот писател и режисер Георги Данелија и виолинистот Гидон Кремер. „Ја споив љубовта кон овие двајца луѓе во ова дело, а идејата за насловот беше на Кремер. Делото се базира на тематски материјали и мотиви од музиката која ја напишав за два филма во режија на Данелија. Го сакам ова дело и од друга причина: во него се обидов да покажам дека музиката не е само за плачење, туку и за повремена насмевка“, пишува Канчели за ова дело.

 

 

Следни настани