ВИДА

ВИДА

Солисти:

Солист: Владимир Костов – виолина

Програма:

А. Корели
* Кончерто гросо во Де -дур оп. 6, бр.4
Adagio- Allegro
Adagio
Vivace-Allegro

А.Вивалди
Концерт за виолина ,,La tempesta di mare“ во Ес – дур
Presto
Largo
Presto

А.Вивалди
** Кончерто гросо во де- мол оп.3, бр.11
Allegro
Largo e spiccato
Allegro

Пауза

Н.Порпора
,,Alto giove “ – арија од операта ,,Polifermo”

А.Вивалди
Концерт за виолина ,,Il grosso mogul “ во Де-дур
Allegro
Recitativo-Grave
Allegro

Макс Рихтер – ,,Vivaldi recomposed “ – “Зима”
Largo
Allegro non molto

к.г.Цветанка Созовска – чембало
*Владимир Крстев – виолина
**Паскал Краповски – виолончело

Арканџело Корели (1653-1713) е италијански композитор и виолинист кој живеел и создавал во периодот на музичкиот барок. Неговиот опус е многу важен за развојот на модерните жанрови и форми, посебно во дефинирањето на сонатната форма и концертот, но и детерминирањето на техничките перформанси на виолината како инструмент.
Кончерто гросо во Де-дур, опус 6, број 4 е четвртиот концерт на Корели од збирката „Дванаесет кончерти гроси оп.6“ кои ги издал во 1714 година. Овој концерт е еден од највпечатливите, заедно со бројот осум, кој е насловен „Божиќен концерт“.
Во ова дело доминира типичниот звук за музиката на Корели, односно т.н. кантабиле стил. Концертот има четири, одлично разработени ставови во кои музиката плете структурно едноставни звучни пејсажи типични за барокниот стил.

Антонио Вивалди (1678-1741) е еден од водечките италјански композитори во ерата на барокот. Тој е современик на творештвото на двајцата германски магови на барокот – Ј.С.Бах и Хендл. Пишувал црковна музика и создал повеќе од четириесет опери, но, најмногу е познат по музиката напишана за гудачки оркестар, во која спаѓаат и антологиските „Четири годишни времиња“, сет од концерти за соло виолина и оркестар.
Сетот виолински концерти насловени „Натпревар меѓу хармонијата и инвенцијата“ (Il cimento dell’armonia e dell’inventione) Вивалди го завршил во 1725 година. Овој сет бил составен од 12 концерти, но првите четири станале толку познати, што честопати се заборава дека постојат уште осум. Првите четири се интегрирани во најпознатото дело на Вивалди – „Четирите годишни времиња“, а останатите концерти најчесто живеат во „сенка“ на нивните попознати „браќа“, и поретко се изведуваат на сцената. На три од преостанатите осум концерти, Вивалди им дал еднакво инспиративни наслови. Вивалди напишал стотици концерти за време на неговата исклучителтно потентна кариера, но оние на кои има дал некаков програмски наслов, привлекле најголемо внимание кај јавноста. Концертот број 5 во Ес-дур насловен „Морска бура“ ( La tempesta di mare) е прилично краток, дури и за стандардите типичини за Вивалди, но во него е „спакувана“ прилично масивна количина на инвенција и колортиност. Иако е помалку познат од „Четирите годишни времиња“, „Морска бура“ е создаден од еднакво возбудливи музички елементи и плени со својата виртуозност и звучна колоритност.
Кончерто гросо во де-мол, опус 3, број 11 е напишан за стандарна трио соната група (две виолини и чело), гудачки оркестар и континуо кој бил стандардна придружба во барокната музика. Оркестарцијата вклучува и други кордофони инструменти, како оргули, чембало или лаута. Најчесто оргулите се користеле за изведбите на концертите во црква, иако тоа не било зацртано како строго правило. Во овој концерт, како што сугерирал Вивалди може да има една или две чембала, едно за соло делниците едно за оркестарската гудачка група. Најчесто еден изведувач ги свири и двете. Музиката во овој концерт е типична за периодот во кој е создадена, од неа дише барокот со сите негови комплексни слоеви кои наместо да ја заплеткаат структурата ја прават мазна и секогаш инспиративна за слушање.
Никола Порпора (1686-1768) е италијански композитор и професор по пеење, кој живеел и работел во периодот на музичкиот барок. Меѓу неговите најпознати студенти по пеење се кастратите Фаринели и Кафарели, како и композиторот Јозеф Хајдн.
Аријата „Alto giove“ е сегмент од неговата опера „Полифермо“, исклучително музичко-сценско дело во кое ги поместил границите на статичната опера серија и нејзините конвенции со употреба на послободна структура која е во расчекор со ригидната музичка формула која се користела за пишување опери во тоа време.
Аријата „Alto giove“ стекна голема популарност и преку филмот „Фаринели Кастрати“. Аријата има убава мелодија и комплексна виртуозност, интересна хармонска структура и инвентивна мелодиска линија која ја прави безвременска и секогаш актуелна.

Концерт за виолина ,,Il grosso mogul “ во Де-дур е едно од раните дела на Антонио Вивлади. Околу средината на 1710 година Јохан Себастијан Бах го транскрибирал овој концерт за оргули во Це-дур. Насловот на концертот, најверојатно, како што сугерираат историчарите е извлечен од либретото за истоимената опера, напишано од Доменико Лали.
Првиот став има форма на риторнело, вториот став е изграден на невообичаени ритмови и има структура на импровизација, додека третиот став е виртуозен и во него солистот ги презентира своите изведувачки пеформанси. Концертот е комплексен, во него има многу делници во кои солистот ја тестира својата изведувачка, но и музичка моќ.

„Вивалди – Четири годишни времиња – рекомпонирани“ од современиот британски композитор Макс Рихтер (1966) е дело во кое се ресоздава и реинтерпретира најпознатото дело на познатиот италијански композитор. Иако Рихтер изјавил дека зачувал 75 отсто од оригиналниот материјал на Вивалди, во останатиот дел од ова антологиско дело тој ги вметнал своите творечки специфики кои се инспирираат од постмодернизмот и минимализмот.
Реинтерпретацијата на познатото дело на Вивалди преку индивидуалната творечка призма на Рихтер премиерно е изведена во „Барбикан центар“ во Лондон во 2012 година. Познатиот критичар на „Дејли телеграф“, Иван Хивет по премиерата напиша: „Како што може да се очекува од композитор кој студирал заедно со Лучано Берио, Рихтер е прилично свесен. Не ги меша своите концепти со оние на Вивалди, тие се водат по различна музичка логика која заедно креира интересна боја и текстура. Делото сугерира дека конечно, после толку години на тенденциозно инфантилни диско и транс верзии на Моцарт, во полето на класичниот ремикс може да се појави нешто навистина интересно“.

Текстови:
Ангелина Димоска, музиколог

Следни настани