БУИЦА

БУИЦА

Диригент:
Солист:
Даниел Лазаревски

Диригент: Конрад ван Алфен (Холандија)
Солист: Даниел Лазаровски – виолина

Програма:
А. Хачатуријан: Концерт за виолина и оркестар во d-moll

Allegro con fermezza
Andante sostenuto
Allegro vivace

Н.Р. Корсаков: Симфониска суита „Шехерезада“
– Морето и бродот на Синбад
– Приказна за принцот Каландар
– Младиот принц и принцеза
– Фестивал во Багдад. Морето

А.Хачатуријан: Концерт за виолина и оркестар во де-мол

Арам Хачатуријан започнал да работи на Концертот за виолина и оркестар во де-мол, посветен на Давид Ојстрах во летото 1940 година, и го завршил за само два месеци. Кога ја комплетирал партитурата Ојстрах го поканил во својот дом.
„Му го отсвирев на пијано, обидувајќи се да направам синтеза меѓу виолинскиот дел во десната и хармонскиот во левата рака“, запишал Хачатуријан.
Кратко по првото претставување на концертот, Ојстрах го поканил да му го отсвири концертот. „Неговата куќа беше преполна со луѓе. Беше лето и вратата која водеше кон дворот беше отворена. Имаше многу музичари. Ојстрах го отсвире како да го вежбал со месеци, а всушност беа во прашање само неколку денови… Со истата спонтаност го отсвире и на концертната сцена“, истанува во своите мемоари Хачатуријан.
Премерната изведба на делото се случила на 16 ноември 1940 година во Москва со оркестарот на Државниот симфониски оркестар на СССР под диригентската палка на Александар Гаук, како дел од десетдневниот фестивал на советска музика на која и Дмитри Шостакович премиерно го претставил својот „Квинтет за пијано“.
Снимката од изведбата на Ојстрах веднаш станала препознатлива во светот, а познатиот виолинист продолжил да го свири овој концерт уште многу пати под диригентската палка на композиторот.
Концертот изобилува со виртуозност, со интензивна мелодиска звучност и егзотика. По смртта на Ојстрах избледува и споменот за ова фантастично дело. По неколку децении од создавањето на ова дело, повторно се враќа сјајот на овој концерт, преку големиот интерес на виолинистите за негова изведба. Хачатуријан во овој концерт ја покажал својата исклучителна моќ да креира мелодија, но во исто време да вметне и елементи од ерменската музичка традиција. Концертот за виолина и оркестар де-мол е фантастично дело кое во себе ја сублимира есенцијата на творечкиот опус на ерменскиот композитор Арам Хачатуријан (1903-1978). Во неа на деликатен начин се испреплетени традицијата со хармонската и мелодиска инвенција, толку типични и препознатливи за неговиот музички опус.

Н.Р.Корсаков: Симфониска суита „Шехерзада“

Симфониската суита „Шехерзада“, рускиот композитор Николај Римски -Корсаков ја напишал во 1888 година и се базира на приказните од „Илјада и една ноќ“ (познати и како „Арапски ноќи“). Оваа суита е едно од најпопуларните дела на Корсаков.
Делото во себе инкорпорира два типични сегементи за опусот на овој руски композитор – вивидната и колоритна оркестрација и интересот за ориенталниот Исток, кој бил доминанатен во времето на Империјална Русија. Името на суитата е извлечено од главниот женски карактер во “Илјада и една ноќ“.
„Инспирација за создавање на суитата ми беа некои неповрзани епизоди и слики од ‘Илјада и една ноќ’ кои се провлекуваа во сите четири става од ова дело: морето и бродот на Синбад, фантастичниот наратив на Принцот Каландар, принцот и принцезата, празникот во Багадад и бродот кој оди кон карпата… Сите овие делови ме инспирираа да ја напишам суитата и а се надевам дека слушателите ќе можат да го слушнат овој наратив во мојата музика и да ги препознаат приказните кои ме водеа во создавањето на ова дело“, напишал Римски- Корсаков.
Во суитата „Шехерзада“ овој руски композитор ја покажал својата доминатност како мајстор на оркестрацијата, како автор кој создава чист, но во исто време и длабоко емотивен звук кој се движи како голем музички бран кој станува се’ побогат и се’ поголем и поинтензивен. Слушателот, во секој момент може да ја почувствува приказната која е проткаена во музиката – мистиката на Ориентот, љубовта меѓу принцот и принцезата. Секој од ликовите има свој инструмент во оркестарот, феноменално насликан музички од страна на Корсаков.
Четирите става на суитата се унифицирни со по една кратка интродукција во првиот, вториот и четвртиот дел, како и интермецо во третиот. Историчарите сугерираат дека тоа што Римски -Корсаков бил офицер во морнарица му било дополнителна инспирација за толку добро музички да го наслика морето во ова дело. Суитата завршува со мирна кода, со која Корсаков звучно ја слика завршницата на приказната – Шехерзада конечно го освојува срцето на Султанот.
Суитата премиерно била изведена во Санкт Петербург во 1988 година, под диригентската палка на композиторот. Нејзината популарност, од првата изведба, па се’ до денеска, лежи во богата оркестрација и бои, свежите и пикантни мелодии, умерениот ориентален звук и ритмичката виталност со кои Римски -Корсаков успеал музички на најсовршен начин да го илустрира наративот од „Илјада и една ноќ“.

Текстови:
Ангелина Димоска, музиколог

Следни настани