МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА СО КОНЦЕРТ ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА РМ – 8 СЕПТЕМВРИ

МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА СО КОНЦЕРТ ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА РМ – 8 СЕПТЕМВРИ

Денот на независноста на Република Македонија – 8 Септември, годинава ќе биде одбележан со концерт под отворено небо, пред Владата на РМ, кој ќе претставува интересен спој од звучното наследство и современите искри на македонската популарна музика.

Од волшебните грла на македонските вокални ѕвезди, Тијана и Тамара, а придружени од оркестарот на Македонската филхармонија, ќе одекнат дел од најубавите шлагери кои оставија силна трага на македонската музичка мапа. Песните во кои се испреплетени незаборавните стихови и лирско-епските музички теми досега никого не оставиле рамнодушен. Полни со емотивен набој, моќна интерпретација од врвните исполнители, силна поетика и рефрени кои се уште се паметат, дел од македонските евергрини ќе го обојат небото над Скопје со топли звучни нијанси.

Концертот ќе продолжи со уште една необична фузија од класична и електронска музика. Оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Емин Џијан, ќе настапи со изведба на музиката на еден од најдобрите светски диџеи, Хуан Аткинс (САД), а оркестрирана од Емин Џијан. Се уште се памети магичниот настап на ова креативно дуо со Македонската филхармонија годинава во Охрид, кога во Античкиот театар овациите не стивнуваа. Перформансите на Џијан Емин ги полнат салите во Македонија и во светот, а овој пат тој ќе донесе уште музички новитети кои ќе ги изненадат присутните.