БОНТОН

 

Не доцниме на концерт!

  • Ви препорачуваме да дојдете на концерт, најмалку десет минути порано. На овој начин ќе имате доволно време да го најдете своето место, да ја прочитате програмата, да се опуштите за да уживате во концертот.

 

  • Доколку задоцниме, тивко чекаме пред вратата и влегуваме во салата за време на аплаузот. Влегуваме тивко, без да ги вознемириме другите посетители, но и музичарите кои свират на сцената. Седнуваме на најблиското слободно место.

 

Употреба на мобилни телефони и камери

  • Ги исклучуваме мобилните телефони и звучните електронски уреди пред концертот.

На публиката ѝ е строго забрането снимање и фотографирање.

 

Аплауз

  • Вообичаено се аплаудира на почетокот од концертот, кога излегува диригентот или солистот на сцена. На крајот од концертот, интензитетот на аплаузот често е поврзан со задоволството од изведбата, затоа не штедете ги дланките, само на тој начин можете да добиете бис. За особено добрата изведба, солистот може да биде награден со подолг и погласен аплауз.

 

  • Некои композиции се одделени со ставови меѓу кои е потребна тишина.

Меѓу ставовите не се аплаудира, туку тоа се прави на крајот од композицијата.

 

Ако сме настинати и кашламе не присуствуваме на концерт

  • Напорите да ја спречите кашлицата, за вас ќе бидат измачување, но и за останатите посетители, на кои може да им се расипе очекуваното уживање.

 

  • Бидете свесни дека секоја бучава, како што се шушкање, шепотење, гласно зборување, кашлање или слични работи може да им пречи на музичарите, но и на публиката. Обидете се да бидете што е можно потивки.

 

Нашата љубезност и почит кон изведувачите ја покажуваме со тоа што не го напуштаме концертот предвреме

  • Доколу имате потреба да заминете порано, сторете го тоа додека трае аплаузот, односно во периодот кога има промена на композициите во програмата.