Skip to content
Почитувани,

Секоја музичка сезона на Македонската филхармонија во себе носи уникатен звучен пејзаж, нови солисти и диригенти, изведби на капитални симфониски дела што оставаат траен белег во богатата ризница на нашата институција.

Сезоната 2024/2025 има посебно место во таа ризница бидејќи во неа оркестарот на Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80-ти роденден, како најстара културна институција во нашата земја. Формирана на 24 ноември 1944 година, само 11 дена по ослободувањето на Скопје, на иницијатива на македонскиот композитор Тодор Скаловски, Македонската филхармонија осум децении ја гради својата историја преку генерации музичари кои со својата работа несебично се вградија во создавањето на елементарниот звучен фундамент.

Новата сезона не случајно е насловена „Одисеја“. Симболиката проткаена во Хомеровиот еп и насловот на ова капитално книжевно дело се совршена илустрација за осумдеценискиот пат што го изоди нашата институција. Од оркестар што срамежливо и несигурно чекори по површината на партитурата, Македонската филхармонија прерасна во оркестар со компактна и детерминирана звучност.

Изминативе осумдесет години бевме сведоци на интересно патување исполнето со музички авантури и предизвици кои не нѐ оддалечија од суштината, напротив, уште повеќе нѐ доближија до есенцијата, до елементарната суштина на симфониското музицирање. Предизвиците нѐ направија посилни, поотпорни на ветриштата кои понекогаш се обидуваа да нѐ оддалечат од нашето музичко пристаниште.

Со љубов и гордост ви ја најавуваме новата роденденска сезона во која ќе чуете врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци.

Осумдесетте години љубов ги преточуваме во возбудлива музичка „Одисеја“ – патување што ќе донесе нови звучни авантури и предизвици.



ПРИЈАТЕЛИ НА
ФИЛХАРМОНИЈА