ФИЛХАРМОНИЈА ЗА ШПАТО

21.12.2017 [Четврток] @ 20:00
Редовна програма / Концертна сала
Диригент: Џеси Милинер
30 години од смртта на Драган Ѓаконовски-Шпато
 
Програма:
 
  1. Далечен крај
  2. Те носам во себе
  3. Глас од далечината
  4. Без повраток
  5. Дојди есен
  6. Молчи една долина
  7. Убава со како музика
  8. Роден крај
  9. Жолта липа
  10. Последен ден на разделбата
  11. Зар вистина е крај
  12. За нас почнува живот
 
Солисти: Мартин Ѓаконовски - контрабас, Гордан Спасовски - пијано, Левин Ѓаконовски - тапани, Франческа Ритер - виолина, Џон Илија Апелгрен - вокал, Кирил Кузмановски - саксофон
 
 
„Со својата музичка генијалност тој беше далеку над времето во кое забавната музика и џезот се наоѓаа во Македонија. Беше единствен по својата способност да ги дешифрира тонските снимки. Тоа не беше препишување, туку една вистинска музичка креација. Од таа музика тој правеше совршени аранжмани за скромните музички ансамбли“. Ова се зборовите на музичкиот гениј, композитор и пијанист Ладислав Палфи, за уште еден музички македонски гениј - Драган Ѓаконовски-Шпато (1931-1987). Македонскиот композитор, диригент и музички аранжер Драган Ѓаконовски-Шпато се смета за зачетник на македонската забавна музика кој зад себе остави вистинско звучно богатство чија убавина, автентичност и влијанието кое што го изврши не е надминато. „Во име на цветот“, „Гарача“, „Далечен крај“, „Жолта липа“, „За нас почнува живот“, „Зар вистина е крај“; „Лени“, „Ми вети ти“, „Молчи една долина“, „Носталгија“, „Последен ден на разделбата“, „Љубовна тема“... се дел од вокалните композиции кои не се само печат на едно време, туку се дел и од ова наше денешно совремие, особено сликајќи го животот во Скопје, преку лириката, но и преку музичката содржина, формата, хармонските решенија, наративноста. Незаборавни се и инструменталните теми во кои е инкорпориран џез и блуз изразот, како „Блузот на црната жена“, „Песна на младоста вечна“, „Reg Time“, „Гарача“, „Гитарата ја оплакува смртта на Муриета“, „Далечен крај“, „Дојди есен“, „Кога си сама“, „Ми вети ти“ (џез-верзија), „Јас не сум ти“... Овие, и уште многу други композиции пренесени и на денешната генерација, имаат антологиска, културолошка вредност која е и треба да биде репер за уметничко обликување на т.н. забавна музика, да го разбие клишето и да стане, ако веќе не е, оска околу која ќе ротираат останатите македонски звучни новитети. Неговата прва композиција е насловена „Тема И“ (1947), после која се нижат останатите музички бисери. Драган Ѓаконовски-Шпато потекнувал од музичко семејство. Најпрвин изучувал виолина, а потоа и хармоника и како член на семејно трио (заедно со татко му Васил и неговиот постар брат Хари) ги имал и првите јавни настапи. Всушност, настапот на триото „Шпато“ во програмата на Радио Скопје се смета и за почетокот на македонската забавна музичка сцена. Подоцна, Шпато почнал да ги проучува сите инструменти и да аранжира музика од, во тоа време, славните звучни имиња и особено да ја следи џез-музиката. Средното музичко училиште го завршил во Скопје кај почитуваниот проф. Стефан Гајдов, и паралелно формирал и свирел во мали состави, меѓу нив и во поголемиот ансамбл „Саџо“ (1948) - Студентски аматерски џез-оркестар, создавајќи ја својата прва композиција „На игранка“, компонирана во стил на блуз дванаесетерец. Токму оваа композиција, во 1983 година на „Скопскиот џез - фестивал“, неофицијално е прогласена за прва македонска џез - композиција. Главно, Шпато пишувал, аранжирал и снимал за потребите на Радио Скопје, тогаш единственото и културно прибежиште на уметниците, каде останал до крајот на својот работен век, а раководел и со Оркестарот на милицијата, Ритмичкиот секстет на Радио Скопје, од кој во 1956 година се формира поголемиот Забавен оркестар, а во 1961 година Танцовиот оркестар, подоцна Биг-бенд на Радио Скопје, каде Шпато бил негов прв диригент. За Шпато кружат многу легенди, а едната од нив е мошне интересна и неговите колеги ја сведочат: Шпато го гледал филмот „Бал на вода“ 36 пати и успеал да ја запише, по слух, музиката од целиот филм. Бил еден од најпознатите композитори и во рамките на поранешна Југославија, учествувајќи на тамошните фестивали и здобивајќи се со многубројни награди. Песната „Еден бакнеж“, на пример, доживеала посебен успех изведена на фестивалот „Опатија“ (1962), во негов аранжман. Од посебно значење за македонската музичка сцена е формирањето на познатиот вокален квартет „Импулси“ (1969), кога Шпато остварува исклучително плодна творечка активност.
  • П
  • В
  • С
  • Ч
  • П
  • С
  • Н
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
  • 6
  • 7
  • 8
  • 9
  • 10
  • 11
  • 12
  • 13
  • 14
  • 15
  • 16
  • 17
  • 18
  • 19
  • 20
  • 21
  • 22
  • 23
  • 24
  • 25
  • 26
  • 27
  • 28