BEETHOVEN #3

03.12.2020 [Четврток] @ 20:00
Редовна програма / Концертна сала
Солист: ЕМИР ИМЕРОВ
Солист: ВАГ ПАПИЈАН

Диригент: Конрад ван Алфен (Холандија)

Солисти: Емир Имеров- виолина (Германија)

 

Александар Кагановски- виолончело (Швајцарија)

Ваг Папијан-пијано (Израел)

 

Програма:

Л. В. Бетовен: Концерт за виолина, пијано, виолончело и оркестар оп.56

А. Дворжак: Серенада за дувачки оркестар оп.44

 

Л. В. Бетовен: Концерт за виолина, пијано, виолончело и оркестар оп. 56

 

Концертот за виолина, виолончело и пијано во С-дур, оп. 56, познат како Троен концерт, Л. В. Бетовен (1770 – 1827) го напишал во 1803 година. Изборот на инструменти, всушност, формално го прави пијано трио и тој е единствениот концерт што го напишал Бетовен за повеќе од еден инструмент. Музиколозите го дефинираат како помалку брилијантен „брат“ на другите дела кои ги создал во истиот период – операта „Фиделио“, Четвртиот пијано-концерт, Виолинскиот концерт и Четвртата симфонија. Биографот на Бетовен, Антон Шиндлер, пишува дека овој концерт Бетовен го напишал за својот кралски студент Рудолф фон Хабсбург, кој бил тинејџер во тоа време и дека пијано-партитурата намерно е прилично едноставна наспроти покомплексните делници во виолончелото и во виолината. Делото не било изведено до 1808 година, а и оттогаш досега има „лимитирана“ изведба. Првиот став има сонатна форма, основната тема ја носи оркестарот пред да ја преземат солистите. Првата тема е оптимистична, елегантна и непретенциозна. Виолината и виолончелото ја носат темата, а потоа ја презема пијаното. Генерално, Бетовен им дава еднакво значење на трите солистички инструменти, со по неколку такта кратки индивидуални делници. Вториот став е покомпактен, тој е елегичен и поетски, а темата ја носи челото, додека пијаното повеќе креира атмосфера, а третиот е динамично рондо со игрив карактер.

Иако ова дело има прилично симплифицирана музичка содржина, тоа во себе ја носи препознатливата карактерна, индивидуална црта на творештвото на Бетовен. И ова дело, како и останатите дела е совршен пример за деликатно избалансирани емоции во класична формална музичка рамка.

 

А. Дворжак: Серенада за дувачи, виолончело и контрабас, оп. 44

Серенадата за дувачи, виолончело и контрабас во d-мол, оп. 44 е камерно дело на чешкиот композитор Антонин Дворжак (1841 – 1904). Делото му е посветено на германскиот композитор и музички критичар Луи Елерт, кој ги промовирал неговите „Словенски танци“ во германскиот печат. Создадена е во 1878 година, а премиерно била изведена истата година под диригентската палка на композиторот. Серенадата евоцира атмосфера на музичките изведби во замоците за време на периодот на рококото, каде што се мешале аристократијата и обичните луѓе. Напишана е во типичен „словенски“ стил (непосредно по неговото дело „Словенски танци“), иако во неа нема фолклорни цитати, во вториот став има специфичен бохемиски танцов ритам. Оваа композиција е исклучително дело, кое претставува спој на класичниот темперамент и чешката традиција, на ретростилот со типичната музичка инвенција на Дворжак. Првиот став е пример на традиционален марш, вториот став, исто така, ги следи традициите на класиката, во фузија со традиционалните чешки танци, третиот став е ноктурно, а финалниот е полка која има фуриозен ритимички и тематски климакс со кој Дворжак совршено го заокружува ова дело. Серенадата за дувачи, виолончело и контрабас е напишана во типичен стил, препознатлив за музиката на Дворжак, која претставува свежа и вивидна комбинација на класиката со чешката традиција.

  • П
  • В
  • С
  • Ч
  • П
  • С
  • Н
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
  • 6
  • 7
  • 8
  • 9
  • 10
  • 11
  • 12
  • 13
  • 14
  • 15
  • 16
  • 17
  • 18
  • 19
  • 20
  • 21
  • 22
  • 23
  • 24
  • 25
  • 26
  • 27
  • 28
  • 29
  • 30