Македонската филхармонија продолжува со редовните Симфониски концерти за деца. Вообичано, концертите се одржуваат во саботите и започнуваат во 12 часот.

 

На 18 ноември во 12 часот, во големата сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи Симфонискиот концерт за деца „Магичен глас“ на кој како солист ќе настапи сопранот Билјана Јосифов. Аниматор на концертот е актерот Мартин Јордановски, миленик на детската публика. Концертот ќе се одржи под диригентската палка на Дијана Илкоска-Имери. Приказната се однесува за едно момче кое сака да стане оперски пејач и сонува сон во кој тој навистина пее оперски арии. Во сонот, се појавува добрата вештерка, која е всушност оперска пејачка, и се обидува да му го оствари сонот. Вештерката доаѓа на коњ, наместо на метла, ја бркаат здодевни бумбари, потоа ја носи звукот на трубите, за на крајот да се претвори во дрвена кукла... Приказната е полна со хумор и изненадувања и прекрасна музика соодветно избрана за најмладите слушатели.

 

До крајот на годината, ќе се одржи уште еден Симфониски концерт за деца, Новогодишен концерт под наслов „Новогодишни волшепства“ кој ќе донесе музика од класичната литература наменета за оваа пригода. Новогодишниот концерт за деца ќе се одржи на 23 декември во 12 часот и ќе донесе многу изненадувања врзани за најубавите празници во годината.