Олег Кондратенко

Еден од најистакнатите македонски виолинисти Олег Кондратенко (1973) почнал да свири виолина на седум годшна возраст. Нижото и средното образование го завршил во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на проф. П. Николов и Р. Димитриев. Студиите ги продолжил во Ротердам, Холандија во класите на проф. И. Груберт и З. Гилелс, каде ја завршил првата година. За време на студиите добитник е на повеќе награди од кои се издвојуваат Републичка и сојузна награда во рамките на поранешна СФРЈ. Постојано концертира во Холандија, Германија, Данска, Русија, Египет, Унгарија, Австрија, Хрватска, на фестивалите „Охридско лето“ и „Скопско лето“, а реализирал и повеќе настапи со Македонската филхармонија. Кондратенко дипломира на ФМУ со оценката 10 кум лауде во класата на професорот Зоран Димитровски, за потоа да замине на Високата школа во Келн каде завршува постдипломски студии во класата на проф. П. Матцка и највисокиот солистички степен „Концертегзамен“ во класата на проф. М. Мартин. Камерна музика работел со „Албан Берг квартетот“ и Александар Лонгвиш. Во моментот Кондратенко е вонреден професор на ФМУ во Скопје и на ФМУ на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Солист и гостин концертмајстор е на Камерниот оркестар „Јунге Филхармоние“ од  Келн со кого само во 2005 година во рамките на летната турнеја низ Германија остварил 39 солистички настапи. Од 2008 година е раководител и концертмајстор на „Фејмс“ - филмскиот оркестар при Македонската радио-телевизија со кого во последните девет години е снимен музички материјал за над 3000 проекти меѓу кои се филмови, мјузикли, театарски претстави итн., а за кои, некои од нив, се добитници на престижните „ЕМИ“ награда и „Греми“ номинација.