Владимир Лазаревски

Владимир Лазаревски (1979) свири обоа од својата петнаесетта година. Дипломирал и магистрирал во 2003 година на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“  во Софија, Бугарија во класата на проф. Георги Желјазов. Една година подоцна заминува на 2-годишна специјализација во Бостон, САД, како стипендист на музичката академија „Лонџи” под менторство на обоистите на Бостонскиот симфонски оркестар, Вејн Рејпиер и Марк МекЕван. По враќањето од САД ја продолжува својата академска наобразба на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ и во февруари 2013 година станува доктор на музички науки и музичка уметност од областа на камерната музика и обоата.

Лазаревски е лауреат на меѓународниот музички натпревар “Алегро Виво” во Австрија (2002 г.), како и на „Земјата и Луѓето” во Бугарија (2001 г.). Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика. Во моментов, Лазаревски е вработен како прв обоист во Македонската филхармонија, а е ангажиран и како вонреден професор на музичката академија при државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип од неговото формирање во 2007 година. Исто така, член е на камерниот квартет „Мјузик Прогресив“,  на ансамбалот за современа музика „КОНТЕМПОРА“ и симфонискиот оркестар за филмска музика „FAMES“. Владимир Лазаревски свири на обоа „Лаубин“, изработена од ружино дрво од легендарниот американски мајстор за обои, Пол Лаубин.