Елена Дојчинова

Елена Дојчинова е вработена како прва флејта во НУ Филхармонија на Република Северна Македонија. Со својот лиричен израз и виртуозност се вбројува помеѓу најталентираните флејтисти во нашата држава. Родена е во Кочани каде што го завршува основното музичко образование кај проф. Елена Мирасчиева. Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј’’ во Скопје во класата на проф. Радмила Попоска, а дипломира во 2014 година во класата на проф. Страшо Темков на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Во текот на своето образование посетува бројни семинари и работилници кај истакнати флејтисти меѓу кои значајна е соработката во последните неколку години со истакнатиот флејтист од Р. Бугарија, проф. Георги Спасов.  Досега се стекнала со бројни награди и признанија во замјава и странство.

Дојчинова, освен како дел од оркестарот на Филхаронија, активно е присутна на македонската музичка сцена и како солист и камерен музичар. Соработката со НУ Филхармонија започнува во 2013 година, каде што настапува заедно со врвни музички имиња на диригенти и солисти од светски ранг.