Вадим Глузман (виолина)

https://www.youtube.com/watch?v=6pLVil4XWp8

Извонредните уметнички вештини на Вадим Глузман ја оживуваат славната виолинистичка традиција на 19. и 20. век, но неговиот широк репертоар ја опфаќа и новата музика. Овој исклучителен израелски виолинист редовно настапува со сите светски оркестри како Берлинската филхармонија, Бостонскиот симфониски оркестар, Симфониските оркестри на Чикаго, Сан Франциско, Филаделфија, Израелската филхармонија, Лондонската филхармонија, „Концертгебау“..., со славни диригенти како Рикардо Шаји, Туган Сокијев, сер Ендру Дејвис, Неме Јарви, Паво Јарви, Хану Линту... Глузман е активен како солист и како камерен музичар на фестивалите за Камерна музика, а е основач на Фестивалот за камерна музика на Северниот брег во Чикаго, заедно со неговата сопруга, пијанистката Ангела Јофе, со која настапува на рецитали. Како член на пијано трио, заедно со пијанистот Евгениј Судбин и виолончелистот Јоханес Мозер, тој оди на турнеја низ Европа која опфаќа настапи во лондонската „Вигмор Хол“ и берлинската „Концертхаус“, а како солист соработува со симфониските оркестри од Торонто, Ванкувер, Орегон, Гетеборг, Луцерн... На неговиот последен албум за „БИС“, се наоѓа Концертот за виолина од Брамс и Сонатата за виолина и пијано заедно со Ангела Јофе, Симфонискиот оркестар од Луцерн и маестро Џејмс Гафиган. Меѓу признанијата кои ги има досега добиено за неговите снимки, се и Избор на уредникот на „Грамофон“, „Шок де Класика“ на списанието „Класика“, награда од музичкото списание на „Би-би-си“, од „Класик ФМ“ и многу други. Вадим Глузман е роден во поранешниот СССР (1973), а виолина почнал да учи на седум години. Студирал во Летонија и Русија пред да се пресели во Израел, а се усовршувал во САД. На почетокот од својата кариера добил поддршка и бил под менторство од Исак Штерн, комуникација што траела се до смртта на славниот виолинист (2001), а во 1994 ја добил престижната награда за успех во кариерата од Фондацијата „Хенрик Шеринг“. Глузман свири на легендарната виолина од марката „Страдивари“ од 1690 година која му припаѓала на Леополд Ауер.