„ЗВУК НА ДВА МЕТРИ“ - ФИЛХАРМОНИЈА ЈА СТАРТУВА НОВАТА КОНЦРТНА СЕЗОНА

По пауза од неколку месеци, Филхармонија почнува со реализација на своите редовни концерти.

Првиот концерт под наслов „Звук на два метри“ со кој ќе стартува новата сезона 2020/2021, ќе се реализира овој четврток (3 септември) со почеток во 20 часот, а на програмата е ремек-делото за два гласа и оркестар - „Песни за земјата“ од врвниот Густав Малер. Диригент е маестро Габриел Бебешелеа од Романија, а солисти се истакнатите уметници Корби Велч – тенор (САД) и Хеике Веселс – мецосопран (Германија).

Концертот ќе се одвива според протоколите одобрени од Комисијата за заразни болести, а билетите во ограничен број ќе можат да се набават онлајн на веб-страницата на Филхармонија, по цена од 800 денари.

За да се испочитуваат протоколите, капацитетот на салата ќе биде искористен само 30 отсто, публиката ќе седи на дистанца, а ќе се продаваат само парните редови во салата. Музичарите кои ќе свират истотака ќе бидат распоредени согласно параметрите кои ги налага Комисијата за заразни болести.