Директор на Македонска Филхармонија

Музичкиот уметник, тромбонистот Виктор Илиески, функцијата директор на Филхармонија на РСМ ја извршува од 2017 година. Откако е на чело на оваа институција, во овие неколку години, се реализираа голем број на проекти од капитално значење, се остварија неколку извонредни турнеи (Казахстан, Израел, Шпанија, Белград), оркестарот се збогати со нови членови, се случија позитивни промени во програмската политика на куќата, се збогати и административниот дел со квалитетен кадар. Виктор Илиески (1979) дипломира на отсекот по тромбон во 2002 година, а магистрира во 2005 на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Ѓорги Стефановски. Во текот на своето образование, активно учествува на многубројни концерти организирани од ФМУ како солист, но и како член на камерни состави и на Симфонискиот оркестар, а посетувал и семинари кај истакнатите тромбонисти - проф. Кирил Рибарски во рамките на „Интерфест Битола“ и проф. Свен Ерик Ериксон од Шведска, во рамките на Зимската музичка школа за дувачки инструменти во Дубровник. Илиески е добитник на награди на повеќе републички и меѓународни натпревари: Прва меѓународна награда и Прва специјална награда во Нови Сад (1997/98); Прва специјална државна награда како член на лимен дувачки квинтет (2003); Прва специјална парична награда во натпреварување на сите лимени дувачи на ФМУ организирано во Македонија од страна на „Yamaha Music Foundation of Europe“ (2003) итн. Активен член е на „Fame’s Macedonian Symphonic Orchestra“ (оркестар специјализиран за снимање на филмска музика со седиште во Скопје) од 2007 годina. Член е и на Биг-Бендот на Македонската радио-телевизија и Биг-Бендот на Здружението на Џез-музичари на Македонија. Најголем успех во неговата кариера Илиески остварува како дел од „No Borders Orchestra“, оркестар во кој членуваат најдобрите музичари од поранешните југословенски држави, и со овој оркестар има снимено компакт-диск за најпрестижната дискографска компанија „Deutsche Grammophon“. Овој носач на звук е снимен во салата на Словенечката филхармонија (2013). Во 2014 пак, формиран е Камерниот состав на „No Borders Orchestra“, составен од 12 инструменталисти, со кој Илиески остварува светска турнеја чиј носител е јужноафриканска продукција која организира настапи на најголемите светски фестивали. Камерниот состав настапува во Брисел, Ротердам, Виена, Лондон (Barbican Centre), Џирона, Лисабон, Тарб, Тулуз, Стразбур, Париз (8 настапи), Хамбург, Поитие, Љубљана, Марсеј, Наполи, Атина, Јужна Кореја (Asian Culture Complex Arts Theatre), Австралија (Brisbane Festival). Сите настапи се проследени со одлични критики, издвојувајќи ги петте ѕвезди во „The Telegraph“, „La Libre“, „DC Metro Theater Arts“. Во Република Северна Македонија, Илиески учествувал на повеќе фестивали, како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Хераклејски вечери“, „Штипско лето“, „Десет дена Крушевска Република“, „Денови на македонска музика“... Од 2000 година, Илиески е постојан член на Филхармонија на РСМ. Тој е првиот претседател и еден од основачите на Синдикатот на културата на РС Македонија, формиран во 2014 година.